Кривична пријава против двајца поранешни вработени во МВР за злоупотреба на службената положба
Министерството за внатрешни работи, преку Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против двајца поранешни вработени во МВР, Б.Д. и В.В., за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 од Кривичниот законик.
Според пријавата, првопријавениот Б.Д., кој во моментот на извршување на делото бил началник на Регионалниот центар за гранични работи Север, не презел потребни дејствија за враќање на службеното оружје на еден од вработените, иако постоела правосилна пресуда за негово ослободување од прекршочна одговорност. Наместо да упати ургенција до Комисијата за психолошко советување и мислење за способност, тој изготвил предлог за времено распоредување на работникот на друго работно место и предложил друг работник за времено пополнување на упразнетото место. Дополнително, Б.Д. не ја известил Комисијата дека работното место е само времено упразнето, што значело дека не смеел да биде распишан интерен оглас за тоа место.
Второпријавената В.В., која за време на делото била помошник директор во Одделот за заеднички работи и управување со човечки ресурси во БЈБ, без да побара проверка од Б.Д. и без да утврди дали местото е навистина слободно, објавила телеграма за интерен оглас. Како член на Комисијата за распоредување и унапредување, таа не ставила забелешка и се согласила со изборот на работникот, иако знаела дека се работи за времено упразнето работно место.
Со овие дејствија, пријавените му нанеле финансиска штета на привремено распореден работник во износ од 310.268 денари.
Случајот сега е во рацете на Основното јавно обвинителство Скопје, кое ќе ги преземе понатамошните правни дејствија.