Костовски: Димитриевски е бесрамен предавник, институциите мора да реагираат за неговиот криминал
Организацискиот секретар на СДСМ, Мартин Костовски, жестоко го нападна градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, нарекувајќи го „бесрамен предавник“ кој го изневерил сопственото партиско семејство. Во гостување на ТВ21, во емисијата „Дејли клик“, Костовски повика институциите да реагираат за, како што рече, криминалните активности на Димитриевски.
Според Костовски, Димитриевски заедно со својот кум Драган Митевски и со поддршка од ДУИ, реализирале профит од 350.000 евра, што претставува „еклатантен пример на злоупотреба на службена положба и тргување со влијание“. Тој истакна дека станува збор за најголемиот корупциски скандал во Куманово, кој се одвивал пред очите на јавноста.
„Ние два месеца преку нашата советничка група ревносно се спротивставувавме на гласањето од страна на советниците на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, со поддршка на ДУИ, бидејќи станува збор за кривично дело“, рече Костовски. Тој најави дека СДСМ нема да застане тука и ќе поднесе пријави до Јавното обвинителство, со цел, како што рече, „вистината да излезе на виделина и секој што се огрешил пред законот да биде казнет“.
Костовски напомена и дека многу членови на движењето ЗНАМ се враќаат во СДСМ, разочарани од случувањата во нивната организација, а очекува овој тренд да продолжи и во иднина.
Во својот настап, Костовски се осврна и на работата на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, истакнувајќи дека поминала една година од изборите, а Владата сè уште нема покажано конкретни резултати. „Основните постулати на нивната победа се темелеа на ноторни лаги со кои го доведоа во заблуда целото македонско население. Со жалење можам да кажам дека оваа власт нема концепт ниту траекторија за иднината на земјата“, оцени тој.
Во контекст на претстојните локални избори, Костовски порача дека СДСМ е подготвена и дека партијата веќе работи на избор на најдобрите кадри. „Во моментов се спроведуваат анкети и сондирања на јавното мислење за да ги најдеме најпозитивните кадровски решенија за изборите“, додаде организацискиот секретар на СДСМ.