20 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова, во гостување во емисијата „Вести плус“ на Канал 5 телевизија посочи дека градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ се вплеткани во серија скандали поврзани со злоупотреба на јавни пари и тендерски злоупотреби.
Костова истакна дека, покрај тоа што не ги исполниле предизборните ветувања, голем број градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ се поврзуваат со сериозни афери. Според неа, тие афери се однесуваат на испумпување на средства од општинските буџети преку „веќе добро воспоставени тендерски мрежи“. Таа спомена и случаи на кражба на нафта од училиштата – нафта наменета за греење на учениците – како и изградба на дивоградби од лица блиски до локалната власт.
„Големи скандали и толерирање беззаконие се секојдневие во општините водени од ДПМНЕ,“ нагласи Костова.
Според податоците што ги посочи, на ниво на држава во период од четири години се акумулирани доспеани, но неисплатени обврски во износ од околу 700 милиони евра, а дури 80% од нив потекнуваат токму од единиците на локалната самоуправа. „Тоа се конкретни имиња и конкретни општини,“ истакна Костова.
Потпретседателката на СДСМ потенцираше дека токму во општините каде што ВМРО-ДПМНЕ има најголемо мнозинство изминатите четири години, граѓаните се соочуваат со пад на квалитетот на комуналните услуги, додека цените за истите услуги растат – нешто што таа го оцени како нелогично и неприфатливо.
„Уште пред кампањата да започне, гледаме дека ветувањата на ДПМНЕ градоначалниците за 2025 се идентични со оние од 2021 година. Тоа значи дека во изминатите четири години ништо суштинско не е сработено,“ рече Костова.
На крај, таа порача дека СДСМ размислува подалекусежно и ќе понуди реални решенија за проблемите со кои се соочуваат граѓаните на локално ниво. „Нашата цел е општините да се придвижат во правилна насока, кон поголем раст и развој,“ подвлече Костова.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден