Костадинов: Жал ми е што подадената рака беше одбиена – Кочани ќе ја има нашата поддршка
Советниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Кочани гласаа против предлог-меморандумот за меѓуопштинска соработка помеѓу Кочани и Струмица, чекор со кој, според градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов, се уриваат институционалните напори за помош на градот кој неодамна се соочи со една од најголемите трагедии во поновата историја на Македонија.
Во објава на својот официјален Фејсбук профил, Костадинов изрази длабока човечка и морална разочараност од одлуката, потенцирајќи дека иницијативата на Општина Струмица била искрена, хумана и лишена од политички предзнаци. „Јас прво како човек сакам да се извинам на Кочани – на нивните советници од ВМРО-ДПМНЕ – за нашите искрени заложби да пружиме рака“, напиша Костадинов.
Иако потенцираше дека не сака да политизира, градоначалникот упати директна порака до жителите на Кочани: „Нашата поддршка е тука, таа е искрена, од срце и без никаква позадинска намера.“
Градоначалникот не го сокри изненадувањето од, како што рече, „политичкото и хуманото рацио“ на советниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои одлучиле да делуваат партиски во моменти кога заедништвото е најпотребно. Сепак, ја нагласи легитимноста на нивната одлука и порача дека таа ќе биде целосно почитувана од страна на Општина Струмица.
„Како град стоиме во целост на располагање на Кочани, на семејствата на починатите деца, на оние кои се повредени – да помогнеме согласно нашите можности“, стои во пораката на Костадинов.
Овој потег на советниците од Кочани повторно ја отвора дебатата за тоа каде завршува политиката и каде треба да почне човечноста – особено кога се работи за трагедии што ги засегаат сите, без разлика на партиска или географска припадност.