17 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Претседателот на бугарската партија „Преродба“, Костадин Костадинов, остро ја критикуваше позицијата на бугарскиот премиер Росен Желјазков и претседателката на Народното собрание Наталија Киселова во однос на Република Северна Македонија. Според него, се работи за опасна промена на бугарската политика кон македонското прашање.
Костадинов посочи дека на официјалната страница на бугарската влада била објавена изјава во која се зборува за „бугарско малцинство“ во Македонија. Тој тврдеше дека такво малцинство никогаш не постоело и дека жителите на Македонија кои зборуваат на бугарски дијалект се дел од бугарската нација.
„Во Македонија има Бугари, македонски Бугари, бугарска заедница, но никогаш бугарско малцинство,“ изјави Костадинов, додавајќи дека овој термин првично бил воведен од премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, кого тој го нарече „србоман и бугарофоб“.
Костадинов остро реагираше и на одлуката на претседателката на бугарското собрание, Наталија Киселова, која одбила да дозволи службена посета на пратеникот Стојан Таслаков во Битола, иако бил поканет од локални бугарски организации.
И покрај тоа, Таслаков отпатувал во Македонија, но како приватно лице, без официјална поддршка од парламентот. „Апсурдно е бугарски пратеник да оди во Македонија со забрана од сопствениот парламент,“ истакна Костадинов.
Лидерот на „Преродба“ изрази сомнеж дека одлуките на Желјазков и Киселова се дел од координирана политика за промена на официјалната бугарска позиција.
„Македонија е втора бугарска држава на Балканот. Таму има бугарско мнозинство кое зборува бугарски јазик и е неразделен дел од бугарската нација,“ рече Костадинов, предупредувајќи дека зборувањето за „бугарско малцинство“ го доведува во прашање и самото постоење на бугарската нација.
Партијата „Преродба“ најави дека ќе испрати официјално писмо до премиерот Желјазков со барање за објаснување. Костадинов инсистираше дека изјавата мора да биде повлечена, а Владата јасно да потврди дека нема промена во надворешнополитичкиот курс на Бугарија.
„Ова е национално предавство кое мора да биде осудено од сите парламентарни партии,“ изјави тој, додавајќи дека бугарската јавност има право да ја знае вистината за политиката кон Македонија.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден