Косовската пратеничка Дуда Баље: Ми понудија професорско место во Скопје да ја гласам Албулена Хаџиу
Пратеничката во косовскиот парламент, Дуда Баље, јавно потврди дека ѝ била понудена професорска позиција во Скопје како дел од политички обид за да се обезбеди нејзиниот глас за Албулена Хаџиу, кандидат од партијата на премиерот Албин Курти. Во изјава за порталот Национале, Баље наведе дека добила неколку индиректни понуди, кои ги оцени како „неприфатливи“.
„Да, вистина е. Имав неколку повици од луѓе кои не се директно вклучени во политиката, но се активни во општеството“, изјави Баље. Таа додаде дека пред неколку години аплицирала за академска позиција во Македонија и ги исполнила сите услови, но потоа не ја продолжила апликацијата. Сепак, неодамна ѝ било посочено дека повторно постои можност да стане професорка во Скопје — овој пат како дел од политички договор.
„Не беше директно кажано, но беше јасно што се бара“, нагласи Баље. Според неа, иницијативата дошла преку лични познаници, вклучително и докторка од Косово, со која неколкупати случајно се сретнувала. Таа ја одбила понудата, оценувајќи ја како неприфатлива и неетичка: „Мојот одговор беше не, затоа што не ги познавам овие луѓе и не прифаќам вакви услови“.
Баље, која е дел од бошњачката заедница и зазема едно од десетте загарантирани места за малцинствата во косовскиот парламент, изјави дека ваквите обиди претставуваат сериозен проблем за демократијата и политичката етика.
„Имаше два или три повици. Сето тоа изгледаше како прикриен притисок“, додаде таа.
Оваа изјава доаѓа во момент на политички тензии во Косово, каде партијата на Курти се обидува да обезбеди мнозинство за избор на ново парламентарно раководство, по неколку неуспешни обиди. Обвинувањата на Баље фрлаат ново светло врз начинот на кој се водат преговорите зад сцената, како и врз прашањата за транспарентност и интегритет во институциите.
Институциите во Косово сè уште не се огласиле по повод нејзините тврдења.