18 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Генералната порака што треба да се испрати од Западниот Балкан е дека регионот мора да напредува заедно на патот кон Европската Унија, порача министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на настанот „Здравица за добрите соседи: Еве колку се добри Западните Балканци…“, одржан синоќа во Брисел под покровителство на еврокомесарката за проширување Марта Кос.
Муцунски истакна дека процесот на пристапување кон ЕУ не треба да се гледа како индивидуален успех на една или две држави, туку како заедничка цел на сите земји од Западниот Балкан.
„Не мора сите да се приклучат во исто време, но треба да бидеме таму заедно. Ниедна држава не треба да биде изолирана од полноправно членство во ЕУ. Треба да работиме врз основа на стандарди и критериуми, со поглед насочен кон иднината, а не кон минатото, бидејќи иднината е таа што може да нè обедини“, нагласи Муцунски.
Настанот беше посветен на промоција на културното богатство, разновидноста и европската перспектива на регионот, со посебен акцент на традицијата на производство на вино. Во тој контекст, Муцунски посочи дека регионалната соработка е видлива и преку винската индустрија.
„Многу земји во регионот произведуваат свое вино користејќи грозје од соседна држава. Горди сме што дел од виното што се консумира како национален производ во регионот содржи македонско грозје. Тоа покажува дека кога работиме заедно, можеме да создадеме врвен и вистински европски производ“, рече министерот.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос порача дека Западниот Балкан премногу често се гледа низ призма на политика, преговори и технички критериуми, а се заборава човечката и културната димензија на регионот.
„Нашите кандидати за членство се повеќе од исполнување обврски и постојано кажување ‘да’. Оваа вечер е за да покажеме дека сме луѓе, да се запознаеме подобро, да знаеме каква храна сакаме и какво гостопримство негуваме“, изјави Кос, додавајќи дека регионот е препознатлив по својата топлина и страст.
Таа истакна дека земјите од Западниот Балкан не треба постојано да докажуваат дека припаѓаат во Европа. „Вие сте Европејци. Дел сте од нас. Она што го правиме сега е формалност“, порача Кос.
Во тој дух, еврокомесарката најави симболична иницијатива – по завршувањето на техничкиот дел од преговорите со секоја земја кандидат, таа ќе се искачи на највисокиот врв во таа држава. За Македонија, како што рече, тоа ќе биде планината Кораб.
„Не е лесно да се стигне до врвот и не секој успева, но ако не се обидеш, никогаш нема да стигнеш. Тоа е сликата што сакам да ја претставам за земјите кандидати“, истакна Кос.
Домаќин на настанот беше албанскиот премиер Еди Рама, кој со доза хумор говореше за односот меѓу ЕУ и земјите кандидати. Тој порача дека Балканот е како „слатка болест“ од која, откако еднаш ќе се заразите, не сакате да се ослободите.
„Станавме толку Европејци што веќе не знаете кој е Балканец, а кој од ЕУ. И тоа е добро – особено за тие од ЕУ, бидејќи е добро да личат на нас“, рече Рама.
На настанот, кој се одржа во новите простории на Мисијата на Албанија при ЕУ, со свои штандови со вина и традиционална храна се претставија речиси сите земји од Западниот Балкан, со исклучок на Србија, која во последен момент го откажа учеството.
Македонскиот штанд беше меѓу најбогатите, нудејќи вина, лозова ракија и традиционални специјалитети како тавче гравче, сарма, ајвар, пинџур, малиџано, урнебес салата, проја и кифлички, подготвени од вработените во Мисијата на Северна Македонија при Европската Унија.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

