13 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Колективот на Клиниката за неврологија денеска упати јавно писмо во кое изразува поддршка за својот колега, проф. д-р Игор Кузмановски, по објавувањето на компромитирачки материјал со кој, според нив, се врши обид за дискредитација на неговата личност и професионален интегритет. Во писмото, кое го објави 4NEWS.mk, колегите апелираат на воздржаност во јавниот дискурс и на почитување на човековото достоинство.
„Ние, неговите колеги, ја изразуваме нашата професионална и човечка поддршка за проф. д-р Кузмановски. Во секојдневната работа со пациентите и во комуникацијата со колегите, тој секогаш се однесувал со највисока стручност, одговорност и етичка посветеност. Ниту во еден момент не е забележано однесување кое би било недолично, несовесно или спротивно на професионалните стандарди,“ се наведува во писмото.
Колегите потсетуваат и на заслугите на проф. д-р Кузмановски за време на неговото директорување со Клиниката за неврологија во периодот од 2012 до 2017 година. Во тој период, како што нагласуваат, објектот бил целосно реновиран, а на клиниката биле воведени повеќе нови дијагностички и тераписки процедури кои значително го унапредиле квалитетот на здравствената заштита.
Во духот на медицинската етика, вработените на Клиниката повикуваат на сочувство, а не на осуда. Тие истакнуваат дека секој човек, особено во моменти на лична ранливост и јавна изложеност, заслужува поддршка, разбирање и психосоцијална помош.
„Наместо осуда, неопходно е да се поттикне сочувство – не само кон професионалецот, туку и кон неговото семејство, кое невино се соочува со последиците од јавната реакција,“ порачуваат колегите од Клиниката за неврологија.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден