Кочани со половина од потребните пожарникари – колапс на системот или приоритети на властите?
Кочани има само 16 пожарникари, иако законскиот минимум е 32. Ова е алармантен податок што го откриваат последните случувања, кога кобната вечер локалната противпожарна единица се борела со пожар со возила постари од 20 години, а еден од пожарникарите морал да остане во возилото за моторот да не изгаси и да може да се користи пумпата.
Истовремено, пратеничката на Левица, Јована Мојсовска, на својот Фејсбук профил остро реагираше на владината политика, наведувајќи дека „500 милиони евра се фрлени во кредит за локални патишта, паркчиња и играчки затоа што идат локални избори.“ Таа предупредува дека државата зема кредит и се задолжува за најосновни општински функции наместо да вложува во капитални инвестиции како што е модернизација и зајакнување на противпожарниот систем.
„Не ми говорете за некаков рестарт на системот додека противпожарниот систем ни е во колапс, а владата троши кредит само за бустање на својата победа на локалните избори,“ пишува Мојсовска.
Овој случај повторно го отвора прашањето за приоритетите на државата и локалните власти – дали безбедноста на граѓаните и функционалноста на основните служби се оставени на маргините за сметка на краткорочни изборни поени?