24 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Во македонското општество одамна постои перцепција дека политиката не е јавна служба, туку најисплатливиот бизнис. Токму на оваа тема говореше публицистот и аналитичар Ким Мехмети во подкастот „Коридор 8“, каде со остри зборови ја критикуваше политичката елита и начинот на кој се практикува власта во државата.
„Дали сте виделе вие во Македонија некој сиромашен политичар?“, праша реторички Мехмети, потенцирајќи дека сиромаштијата е состојба што трае само до моментот кога некој ќе стане пратеник или министер. Според него, по влезот во високата политика, материјалната состојба драматично се менува.
Мехмети ја опиша политичката елита како луѓе кај кои „мозокот е поврзан со џебот“, алудирајќи дека колку е пополнет џебот, толку е попарализиран моралот. Во таа логика, политиката во Македонија, вели тој, е сфатена како најрентабилен бизнис — место каде што најбрзо може да се збогати човек.
Како пример за несразмерот меѓу официјалните приходи и реалниот имот, Мехмети спомена луксузни возила и повеќе станови во сопственост на функционери. „Само џипот му вреди двеста илјади евра, а има и по пет стана“, рече тој, без да посочи конкретни имиња, но јасно критикувајќи го системот што го овозможува тоа.
Во својата изјава, Мехмети оди чекор понатаму и тврди дека „од политика може да се збогати само лопов“, нагласувајќи дека проблемот не е поединечен, туку системски. Според него, македонскиот политички модел создава парадокси во кои прво се станува претседател, а потоа, преку функцијата и моќта, се гради бизнис-империја — алузија на американскиот пример со Доналд Трамп, но во обратен редослед.
Овие изјави повторно ја отвораат јавната дебата за одговорноста, транспарентноста и моралот во македонската политика. Иако ваквите критики не се нови, нивната актуелност покажува дека недовербата на граѓаните кон политичките елити сè уште е длабока и оправдана, барем во очите на јавноста.
Додека политиката продолжува да се доживува како пат до лично богатство, а не како служба за општото добро, прашањето што го постави Мехмети останува без одговор: дали во Македонија навистина има место за чесен и „сиромашен“ политичар?
ССМ излегува на улица на 28 јануари, ќе се бара минимална плата од 600 евра
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

