05 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Во своето гостување во подкастот „Коридор 8“, Ким Мехмети упати остра и директна критика за начинот на кој функционира државата Македонија, укажувајќи дека најголемиот проблем е што таа формално се третира како нормална и функционална држава, иако во реалноста тоа не е случај.
Според Мехмети, грешката често ја прават и новинарите и јавноста, затоа што логично ја перципираат Македонија како држава во која институциите функционираат, законите важат подеднакво за сите и политичките партии се носители на демократски процеси. „Македонија не е тоа“, потенцира тој, нагласувајќи дека токму таквиот пристап создава дополнителен проблем, бидејќи очекувањата се поставуваат врз основа на модел што овде не постои.
Клучната слабост, според него, е институционалната нефункционалност. Во Македонија, вели Мехмети, институциите не функционираат како институции, туку како продолжена рака на партиите. Политичките партии, пак, не дејствуваат како демократски субјекти со јасна програма и одговорност, туку како „политички секти“, затворени структури лојални на лидерите, а не на граѓаните или на државата.
Како последица на тоа, нема ниту институционални реакции при сериозни општествени и политички настани. Наместо систем што реагира преку правила и процедури, Македонија функционира преку поединци. „Институцијата е поединецот“, вели Мехмети, објаснувајќи дека институциите постојат за да ѝ служат на партијата, а не на државата, или на граѓанинот.
Во таков контекст, државата ја губи својата суштинска функција. Наместо да биде сервис на јавниот интерес, таа станува алатка за партиска и лична корист. Затоа, според Мехмети, Македонија не може да се дефинира како институционална држава, туку како партиска држава, во која лојалноста кон партијата е поважна од законите, а поединецот поважен од системот.
Оваа дијагноза, иако мрачна, отвора суштинско прашање: дали Македонија може да напредува без длабока трансформација на начинот на кој се сфаќаат и се градат институциите – не како сопственост на партиите, туку како темел на државата и заштитник на граѓаните.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

