04 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Јавниот интелектуалец и публицист Ким Мехмети во своја изјава се осврна на дебатите поврзани со идентитетот, историјата и националните прашања на Балканот, нагласувајќи дека вистината не може да се поништи со политички или емоционални притисоци.
Според Мехмети, кога некој тврди дека Гоце Делчев не бил Бугарин, тоа не значи обид за поништување или навреда на другата страна, туку станува збор за лична и историска самосвест која била поинаква од денешните интерпретации. „Секој човек самиот чувствува и знае кој е и што е, а тоа не може ретроактивно да се прекројува“, истакнува тој.
Мехмети нагласува дека не е задача на денешните генерации да „тврдат“ што бил некој во минатото, туку да го прифатат она што тој самиот го кажал и оставил зад себе. „Тоа е тврдел – тоа е тврдел. Нема што ние дополнително да договараме“, вели тој.
Во тој контекст, Мехмети прави паралела со личниот идентитет. Ако некој јасно вели дека е Албанец, тогаш, според него, нема што другите да преговараат или да одлучуваат за тоа. „Решенијата за идентитетските прашања се во нашите раце, а не во туѓи“, потенцира Мехмети.
Тој предупредува дека проблемите не треба ниту да се замаглуваат, ниту да се преувеличуваат. Наместо хистерија, говор на омраза и повици за насилство кон различни народи, Мехмети повикува на соочување со вистината. „Таквите извици не водат никаде. Потребно е храбро да се погледне реалноста и да се прифати дека човекот и народот се многу повредни отколку што другите понекогаш ги претставуваат“, заклучува тој.
Со оваа порака, Ким Мехмети уште еднаш апелира на разум, самопочит и одговорен однос кон историјата и идентитетот, како основа за вистински дијалог и меѓусебно разбирање.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

