29 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Во време кога Скопје се соочува со сериозна комунална криза и натрупан отпад низ улиците, денеска се случи уште еден инцидент што дополнително го вознемири јавниот револт. Камион на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ по грешка истурил голема количина ѓубре директно на раскрсницата на булеварот кај фабриката „Цементара“.
На лице место можело да се забележи куп од кеси со отпад и расфрлан смет оставен на една од коловозните ленти. Возилата што се движеа по булеварот биле принудени внимателно да го заобиколуваат отпадот, што предизвика застој и забавување на сообраќајот во овој фреквентен дел од градот.
Очевидци велат дека камионот, најверојатно по техничка грешка или ненамерно активирање на механизмот за истовар, ја испразнил својата содржина токму на средината на булеварот.
Настанот се случува во особено чувствителен момент — само неколку часа откако Судот им одреди 30-дневен притвор на две лица од „Комунална хигиена“ поради сомневање за „загрозување на животната средина и природата со отпад“.
Овој инцидент дополнително ја продлабочи кризата со сметот во главниот град и предизвика нови реакции кај граѓаните.
На социјалните мрежи се појавија бројни коментари и критики на сметка на градските служби. Граѓаните бараат одговорност и итна интервенција за расчистување на локацијата и решавање на хроничниот проблем со отпадот во Скопје.
Од „Комунална хигиена“ засега нема официјална реакција, но се очекува институцијата да даде објаснување во текот на денот.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

