Истрага за убиство во Скопје: Приведени осомничениот и неговиот помагач
Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против едно лице за тешко кривично дело – убиство, согласно член 123 став 2 точка 2 од Кривичниот законик. Истрага е поведена и против второ лице за помагање по извршено кривично дело, според член 365 став 3 од Кривичниот законик.
Според информациите од обвинителството, првиот осомничен вчера во Шуто Оризари, при семејно насилство во домот, ја лишил од живот својата партнерка со која живеел во вонбрачна заедница. Убиството било извршено во присуство на нивната петгодишна ќерка. Жртвата добила тешки повреди и убодни рани со нож во пределот на вратот и градниот кош, поради кои починала на лице место.
По извршеното дело, осомничениот избегал од местото на злосторството со помош на вториот осомничен, кој му обезбедил друга облека и организирал превоз со автомобил до граничниот премин Табановце. Таму го оставил и се вратил во Скопје, каде се обидел да ги прикрие доказите за своето учество.
Убијецот бил сопрен и уапсен во близина на границата. Во текот на денот, по наредба на јавниот обвинител, биле преземени повеќе истражни дејствија, при што биле пронајдени оружјето со кое е извршено убиството, облеката на сторителот и други материјални докази. Сите тие ќе бидат предмет на дополнително вештачење.
Јавниот обвинител веќе достави предлози до судијата за претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје за определување мерка притвор за двајцата осомничени.