01 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Во Северна Македонија, негативниот сентимент кон Бугарија низ годините бележи пад, но перцепцијата за источниот сосед како „главен непријател“ останува изненадувачки доминантна. Иако бројките полека се намалуваат – од над 50 проценти пред неколку години, до околу 45 проценти денес – Бугарија сѐ уште убедливо ја предводи листата на „непријатели“.
Овој феномен не може да се објасни само со моменталниот политички спор или со тековните барања за уставни измени. Коренот е многу подлабок – оформен, негуван и засилен со децении преку институционални и медиумски алатки кои создавале идентитетска матрица со „предодредени непријатели“. Во една поранешна државна заедница, главниот механизам беше братството како емоционален наратив, додека соседите кои не се вклопуваа во тој наратив беа третирани со сомнеж, недоверба, па и отворена антипатија. Така, сè што е „источно од границата“ беше претставувано не како сосед, туку како историски спор, егзистенцијална закана или идеолошки ривал – реторика која не исчезнува сама, дури ни со политичка промена на власт.
Негативниот став кон Бугарија најмногу преживува поради пропагандната преработка на историјата, која една земја ја слика како „негатор на идентитетот“, а другата – најчесто Србија – како „спасител, брат и најблизок“. Овој наратив не е спонтан, ниту е исклучиво резултат на лично искуство на граѓаните со соседите. Тој е конструкт, одржуван со стратешка комуникација, со селективно интерпретирање на фактите, и со пласирање тези дека сите уставни или дипломатски компромиси се „предавство“, „булинг“ или „бришење на идентитетот“. Кога јавноста со години е хранета со ваков јазик, станува речиси невозможно која било влада да зборува за уставни измени без автоматски да се судри со однапред подготвен емоционален отпор.
Оттука произлегува и важниот парадокс: И покрај постојаното потенцирање од ЕУ дека уставните измени се услов без кој преговори нема, актуелната власт опстојува на тврдењето дека „нема да има промена на Уставот“. Зошто? Причината не е правно-административна, туку политички калкулирана – условите од ЕУ се презентираат во јавноста не како дел од долготраен интеграциски процес, туку како „наметнат товар од надвор“. Власта ја користи анкетната клима како штит: „Ако мнозинството е против, нема да менуваме“. Но државата не смее да се води според следните анкети, туку според следните генерации.
Истото истражување покажува значителна несигурност кај граѓаните и околу темата за руско влијание. Околу 29 проценти веруваат дека постојат извори кои ги промовираат руските интереси, додека 24 проценти или не веруваат или не го препознаваат тоа влијание. Најголема е групата „не знам“ – 46 проценти. Ова не е само прашање на геополитика, туку резултат на дезинформациско загадување каде една теза постои паралелно со нејзина негација, додека јавноста останува во информативен магла.
Дополнително, осцилациите во перцепцијата на „пријателите“ се драматични. Ако пред неколку години над 70 проценти гледале во Србија безусловен пријател, денес бројката паѓа на околу 40 проценти – намалување од над 30 проценти. Но, и со ваков пад, Србија и натаму е фаворит. Ова укажува дека емоциите можат да осцилираат со политичките прилики, но стереотипите преживуваат најдолго.
Македонија се наоѓа во турбулентно време, но најопасното што може да ѝ се случи не е надворешен притисок, туку внатрешна самоблокада. Кога ЕУ бара реформи, а власта одговара со патриотски одбив, всушност не се отфрла само едно барање – се отфрла иднината. Историските спорови служат за разговор меѓу научници, не за стратегија на државата. Државата не се гради на омраза кон сосед, туку на соработка, дијалог и институционална сигурност.
Перцепцијата за Бугарија како „главен непријател“ е најкорисна само за тие кои сакаат Северна Македонија да не мрдне од место: создадена е да провоцира гнев, кој потоа се рециклира како политичка енергија. А токму таа енергија ја закочува Македонија на патот кон ЕУ.
Додека јавноста се плаши од „уставни предавства“, вистинската загуба веќе одамна се случи во тишина – младите заминаа, шансите исчезнаа, а државата старее во чекалница.
Македонија не смее да дозволи да биде држава која вика гласно, а докажува малку, која зборува долго, а постигнува кратко. Време е за промена на наративот, а не само на Уставот: сосед не е непријател по дефиниција. Непријател е лагата која трае подолго од вистината.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

