21 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Повеќе од една година семејството Јанкови живее во болка, неизвесност и страв, откако без трага исчезна Злата Јанкова, сопруга и мајка на две деца. И покрај изминатото време, нејзините најблиски не ја губат надежта дека ќе ја видат повторно на прагот од својот дом.
Како што раскажува сопругот Дејан, денот на исчезнувањето бил сосема обичен. По краток попладневен одмор, тој заминал да работи во пластениците, додека Злата тргнала дома за да ги заврши секојдневните домашни обврски. Неколку часа подоцна, соседка ја видела како се движи во близина на домот — тоа бил последниот пат кога некој ја забележал.
„Триесет години живеевме заедно. Никогаш немавме проблеми или несогласувања. Сѐ што правевме беше за нашите деца“, раскажува низ солзи Дејан за „Женски магазин“. „Откако ја нема, во домот владее тишина и страв. Сѐ е запустено.“
Дејан вели дека не верува Злата да си наштетила самата. Таа, според него, била посветена мајка и сопруга, чиј живот се вртел околу семејството. „Не постои причина поради која би заминала доброволно,“ вели тој.
Сепак, потрагата по неа се одвивала бавно. Според семејството, полицијата официјално ја започнала истрагата дури осум дена по исчезнувањето — период во кој, велат тие, можеле да се изгубат многу докази и траги.
Јанкови се длабоко разочарани од начинот на кој институциите ја водат истрагата. Иако нејзиниот мобилен телефон бил достапен скоро 24 часа по исчезнувањето, до денес не е лоциран. Слично, семејството тврди дека не е идентификуван ниту сопственикот на „голфот“, возило за кое имаат сомнежи дека можеби е поврзано со случајот.
„Осум дена се доволни да се изгуби секој траг. Можеби токму тогаш можеше да се најде нешто,“ вели Дејан со горчина.
Во меѓувреме, братот на Дејан — деверот на исчезнатата Злата — постојано споделува апели и фотографии на социјалните мрежи, надевајќи се дека некој ќе ја препознае или ќе даде корисна информација. Но одѕивот е мал, а медиумската заинтересираност речиси непостоечка.
Семејството продолжува да живее во надеж дека Злата е жива и дека ќе се врати дома. „Само сакаме да знаеме што ѝ се случило. Не можеме да живееме во оваа неизвесност,“ завршува Дејан.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден