Христо Михајлов од Прилеп: Тито е бандит во маршалска униформа
Како човек од Прилеп и сведок на историјата која нè обликуваше, чувствувам должност да кажам неколку зборови за ликот и делото на Јосип Броз Тито, по повод 45 години од неговата смрт.
Тито често се слави како маршал, како обединувач, како лидер што ја држеше Југославија на нозе, но малкумина се подготвени да погледнат подлабоко во неговото минато и да го видат вистинското лице зад политичката маска.
Овој човек, според историјата што ја истражував и документи што денес сè почесто излегуваат на виделина, бил многу повеќе од лидер — бил човек со криминално досие, обучуван терорист во Лениновиот институт во Москва, доверлив извршител на болшевичките планови уште од Шпанската граѓанска војна. Тој бил одговорен за илјадници животи, испратени на фронтот во Шпанија, од кои едвај се вратиле неколку стотици.
Подоцна, во Југославија, Тито не ја водеше само борбата против окупаторот — тој водеше внатрешна војна, во која сурово ги елиминираше сопствените луѓе, секој што ќе му застанеше на пат, без оглед дали бил четник, монархист или обичен човек кој се осмелил да се спротивстави. Неговите банди не беа само воени единици — тие беа политички машини за ликвидација, за терор и за воспоставување на едноумието.
Сите оние приказни што се пренесуваа во нашите семејства, за цркви што биле претворени во шаторски забави, за луѓе што биле малтретирани и убивани без суд, денес се веќе документирани како дел од комунистичката репресија.
Тито со години ја држеше Југославија на површина, но ја градеше на темели од страв и насилство. По неговата смрт, тие темели се распаднаа, и ние плативме цена што сè уште ја чувствуваме — крваво распаѓање, војни, поделби и трауми што не поминуваат.
Како човек од Прилеп, сакам да кажам: не треба да заборавиме. Не смееме да дозволиме минатото да се изобличува. Да, Јосип Броз Тито беше историја — но таа историја не е само приказна за победа и харизма, туку и за болка, измама и крв.