09 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Во Демир Хисар вечерва се случи вистински хаос, откако полициски екипи влегоа во домот на директорката на средното училиште „Крсте Петков Мисирков“, Маја Лозановска, која според информациите на Инфомакс е на боледување. Според истите извори, акцијата е дел од обидите таа насилно да биде отстранета од функцијата, за на нејзино место да се постави партиски кадар.
На социјалните мрежи се појави видео од местото на настанот, на кое се гледа присуство на медицински тим и полициски службеници, предводени од началникот на полицијата. Во видеото, медицинскиот тим констатира дека здравствената состојба на Лозановска не дозволува таа да оди на информативен разговор. Но, началникот реагира со изјава дека „ако треба ќе оди со амбулантно возило и на носилка во полициска станица“.
Иако судската наредба за претрес на домот на директорката предвидувала истиот да се изврши во рок од 15 дена, полицијата одлучила да постапи веднаш — токму вечерта пред изборите.
Настанот предизвика силни реакции во јавноста, особено поради сомнежите дека акцијата има политичка позадина. Според дел од локалните жители, ваквиот потег е обид за притисок и демонстрација на моќ пред изборниот ден.