21 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Со почетокот на второто полугодие, македонските училишта повторно се исполнети со ученици, и покрај тоа што грипот зема сè поголем замав низ државата. Од Основното училиште „Кирил и Методиј“ информираат дека наставата започнала редовно, без одложувања, и дека најголемиот дел од учениците се присутни во училишните клупи.
Министерката за образование, Весна Јаневска, нагласи дека актуелната состојба со грипот не била причина за одложување на наставата. Таа потсети дека учениците до 15-годишна возраст во Македонија имаат околу 900 часа помалку настава во споредба со нивните врсници од земјите на Европската Унија, што, според неа, е дополнителна причина образовниот процес да се одвива непречено.
Во меѓувреме, здравствениот систем се подготвува за зголемен број пациенти. Матичните лекари и педијатрите апелираат до родителите строго да ги почитуваат здравствените препораки и децата со симптоми на грип или настинка да не ги носат во училиште или градинка, со цел да се спречи понатамошно ширење на вирусот.
Состојбата во болниците веќе покажува знаци на оптовареност. На Клиниката за респираторни заболувања моментално се хоспитализирани 70 деца, од кои 10 се на кислородна поддршка, а кај 15 е лабораториски потврден грип – инфлуенца тип А. Дополнително, на Клиниката за инфективни болести се лекуваат уште 30 пациенти со потешка клиничка слика.
Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, во изминатата недела се регистрирани над 2.300 нови случаи на грип, што претставува пораст од речиси 35 проценти во споредба со претходната недела. Од почетокот на сезоната, двајца пациенти го загубиле животот како последица на компликации од грипот.
Надлежните апелираат наставниците, родителите и учениците да бидат внимателни, да се почитуваат мерките за лична хигиена и заштита, а здравствените установи најавуваат дека се подготвени за зголемен обем на работа во наредниот период.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

