23 јули 2025
• од Станча Јаќимовски
Грчката влада ќе го покрене прашањето за непочитување на Преспанскиот договор на денешната средба во Атина помеѓу министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Гераптеритис, и неговиот македонски колега Тимчо Муцунски. Според грчкиот весник „Екатимерини“, една од клучните теми ќе биде се почестото користење на името „Македонија“ без уставниот префикс „Северна“ од страна на високи функционери во државава.
Грчките власти изразуваат загриженост дека земјава не ги исполнува целосно обврските преземени со Преспанскиот договор, потпишан во 2018 година, што, според нив, го нарушува духот на добрососедство. Особена реакција предизвикале изјавите на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, како и на министри од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кои избегнуваат да го користат уставното име „Северна Македонија“.
Покрај тоа, Атина е вознемирена и од тоа што истото непочитување се проширува и во јавниот дискурс, институциите и спортските федерации. Овие постапки, како што наведува „Екатимерини“, се доживуваат како директно кршење на договореното, особено во услови кога Европската Унија врши засилен притисок врз Македонија за почитување на договорите во рамките на пристапниот процес.
И покрај ваквите тензии, медиумот истакнува и позитивни примери на соработка меѓу двете земји, како што е помошта што Грција ја понуди за повредените во пожарот во Кочани и за справување со пожари во земјава.
Од македонска страна, министерот Муцунски денеска на социјалните мрежи соопшти дека средбата ќе биде фокусирана на билатералната соработка, економијата и инвестициите. Тој најави и средба со челниците на грчката компанија „Ронтис“, која веќе инвестира на македонскиот пазар. До крајот на неделата, Муцунски ќе учествува и на министерски состанок во Истанбул, на покана на турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан.
Останува да се види дали денешната средба во Атина ќе донесе поголема јасност во односите меѓу двете земји и ќе поттикне обновено залагање за почитување на Преспанскиот договор.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден