22 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Дигитализацијата на енергетскиот сектор во земјава влегува во нова фаза, која треба да стави крај на долгогодишните сомнежи кај граѓаните дали сметките за електрична енергија се реални или паушални. Следниот голем чекор во овој процес е воведувањето на паметни броила (smart meters), кои ќе овозможат потрошувачката на струја да се следи во реално време преку мобилен телефон или онлајн платформа.
Ова го најави Апостолчо Рамов, раководител на Секторот за информатичка технологија и статистика во Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), кој говореше на Третата конференција за дигитализација, организирана од Американската стопанска комора.
Според Рамов, законските измени од 2023 година ја позиционирале РКЕ како пионер во регионот во воспоставувањето јасни правила за сајбер безбедност во енергетиката. Во таа насока, регулаторната дигитализација ќе продолжи со анализа и имплементација на паметни мерни системи.
„Законот е веќе на сила, а операторите на пренос и дистрибуција имаат обврска да направат анализа за воведување на паметни броила. Целта е секој граѓанин сам да може да ја следи својата потрошувачка, без дилеми дали сметката е реална или претпоставена“, истакна Рамов.
Анализите на РКЕ покажале дека до 2024 година ниту една енергетска компанија немала целосно имплементиран меѓународен стандард за сајбер безбедност. Дел од компаниите располагале само со локални политики и процедури, кои не биле доволни за континуирана заштита и надградба на безбедносните системи.
Во моментов, две енергетски компании веќе го имплементирале меѓународниот ИСО стандард за управување со безбедноста на информациите, додека уште три се во финална фаза. Како што беше посочено, приватните компании полесно го спроведуваат процесот, бидејќи не се обврзани на сложени тендерски постапки, како јавните претпријатија.
По налог на РКЕ, клучните енергетски компании веќе имплементираат сет мерки за зајакнување на отпорноста кон сајбер напади. Тие вклучуваат задолжително тестирање на критичната инфраструктура, примена на меѓународни безбедносни стандарди, формирање посебен буџет за сајбер безбедност, како и назначување офицер задолжен за оваа област.
Со овие чекори, регулаторот очекува значително зголемување на довербата кај граѓаните и поголема транспарентност во наплатата на електричната енергија, при што дигитализацијата се поставува како клучен фактор за модерно и безбедно управување со енергетскиот систем.
Бугарија привлекува нова голема инвестиција: 10 милиони евра за фабрика во Бургас
77 милиони денари за храна во Идризово, студентите добиваат трипати помалку
„Стратешко партнерство“: Македонија без покана од Трамп за „Одборот за мир“
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

