08 септември 2025
• од Гоце Кически
Денес се одбележува годишнината од настаните од 8 септември 1944 година, кога за последен пат во историјата беше разгледувана можноста за прогласување на „Независима Македонија“. Тоа беше проект замислен и поддржуван од македонските Бугари, со цел создавање на самостојна македонска држава.
Идејата за независна македонска држава се појавува уште по Првата светска војна, во рамките на ВМРО. Организацијата користи поими како „автономија“, ''независност' и „самостојност“, кои честопати биле изедначувани со независност. Водачите како Тодор Александров и подоцна Иван Михајлов сметале дека ваквата формулација е средство за заштита на целината на Македонија и одбивање на територијалните претензии на српската и грчката држава.
Во меѓувоениот период, печатот и симболите на ВМРО редовно го користеле слоганот „Независима Македонија“. Според Михајлов, независноста не значела отфрлање на бугарското наследство, туку начин Македонија да се зачува како целина во балканскиот мозаик.
Клучниот момент доаѓа во септември 1944 година, кога германското раководство, свесно за поразот што се приближува, се обидува преку Иван Михајлов да формира сојузничка држава на Балканот – „Независима Република Македонија“. Михајлов тогаш пристигнува во Скопје и води разговори со поранешни активисти на ВМРО и структури на локалната „Охрана“. Сепак, тој брзо сфаќа дека идејата нема реална поддршка, особено во услови кога Германија ја губи војната, а Советскиот Сојуз ја подготвува окупацијата на Бугарија.
На 9 септември Михајлов дефинитивно ја одбива германската понуда, заклучувајќи дека моментот е историски задоцнет. Така, замислената „Независима Македонија“ останува нереализиран проект – дел од комплексната историја на регионот, каде што различните визии за иднината на Македонија често се судирале со геополитичките интереси на големите сили.
Денес, 81 година подоцна, историчарите потсетуваат дека 8 септември 1944 е значаен датум, не како ден на создавање држава, туку како симбол на идеалите и противречностите околу прашањето за македонската независност во времињата на војна и драматични политички промени.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден