29 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Основното јавно обвинителство Охрид донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 53-годишен маж од тетовска Брвеница, за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело убиство, предвидено и казниво по член 123 став 2 точка 4 од Кривичниот законик.
Според информациите од обвинителството, на 25 март осомничениот, воден од користољубие, лишил од живот лице во неговиот дом во Охрид. Мотивот за делото бил обидот на жртвата – Климе Митрески – да го раскине договорот за доживотно издржување, кој претходно го склучиле кај нотар во февруари 2025 година. Со договорот, по смртта на оштетениот, осомничениот требало да стекне значителен имот.
Обвинителството наведува дека жртвата веќе започнала постапка за раскинување на договорот, што довело до вербална расправија меѓу двајцата. Во текот на конфликтот, осомничениот го нападнал оштетениот од зад грб, го совладал и му нанел повеќе удари во пределот на главата. Потоа му го попречил дишењето, при што настапила смрт. Откако утврдил дека жртвата не дава знаци на живот, го напуштил местото на настанот.
Клучен доказ во истрагата се снимките од видео надзор поставени во куќата на жртвата, на кои е евидентирано присуството и дејствијата на осомничениот во критичниот период. Дополнително, обезбедени се и други видеоматеријали кои го следат неговото движење, како и повеќе материјални докази.
Од обвинителството посочуваат дека станува збор за особено тешко кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор. Поради тежината на делото, ризикот од бегство, како и индициите дека осомничениот се обидел да прикрие траги, се очекува да бидат предложени мерки за обезбедување на неговото присуство во текот на постапката.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

