26 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, изрази целосна поддршка за протестот поврзан со работењето на цементарницата УСЈЕ и нагласи дека, доколку наводите за загадување се точни, мора да следуваат строги и ригорозни санкции. Ова го изјави во гостување во Дневникот на телевизија Сител, информираат од Општина Центар во соопштение што го пренесе МИА.
„Доколку тоа што се зборува е вистина, мора да следуваат ригорозни санкции“, истакна Герасимовски, потенцирајќи дека контролите не треба да се однесуваат само на УСЈЕ, туку да бидат строги, континуирани и применувани во сите фабрики и индустриски капацитети.
Како потпретседател на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), Герасимовски нагласи дека очекува Град Скопје да изработи јасен план, стратегија и програма за борба против загадувањето, во која ќе бидат вклучени сите 10 скопски општини, со цел намалување и целосно искоренување на аерозагадувањето.
Тој најави дека до крајот на годинава, односно до средината на следната недела, ќе се одржи состанок во рамки на ЗЕЛС, на кој приоритетна тема ќе биде загадувањето на воздухот. „Ќе се разговара за повеќе теми, но аерозагадувањето ќе биде во фокусот“, рече Герасимовски.
Градоначалникот посочи дека се неопходни низа клучни мерки, меѓу кои функционален и ефикасен јавен и сообраќаен превоз, кој со години се најавува, но сè уште не е на соодветно ниво. Дополнително, потребно е воведување мерки при екстремно загадување, како системот „пар-непар“ за ограничување на сообраќајот, строги инспекциски контроли, како и засилени проверки кај домаќинствата што се греат на штетни материјали, како гуми, пластика и други опасни горива. Тој нагласи и дека мора да има редовни контроли во индустриските зони и кај најголемите загадувачи.
Герасимовски истакна дека Општина Центар нема индустриска зона, но подвлече дека загадувањето не познава општински граници и дека сите скопски општини се подеднакво погодени од проблемот со квалитетот на воздухот.
Во однос на можната дислокација на цементарницата УСЈЕ, градоначалникот оцени дека станува збор за сложен процес, но порача дека, доколку постои вистинска волја, решенијата се можни.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

