26 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) најавува воведување казнени мерки за лекарите кои ќе ги надминат утврдените квоти за препишување антибиотици и анксиолитици. Од Фондот предупредуваат дека прекумерната и несоодветна употреба на лекови претставува сериозен проблем за здравствениот систем.
Според податоците на ФЗО, минатата година употребата на антибиотикот Сумамед е зголемена за дури 23 отсто. Станува збор за антибиотик кој треба да се користи како последна линија на лекување, што дополнително ја загрижува здравствената власт поради ризикот од зголемена антибиотска резистенција.
Како дел од мерките за подобра контрола, од наредната година треба целосно да профункционира системот Е-рецепт. Преку него ќе може точно да се следи за која дијагноза е препишан одреден лек, како и дали дозирањето и изборот на терапијата се соодветни.
Покрај проблемот со лекувањето, ФЗО укажува и на кадровските предизвици во јавното здравство. Во изминатиот период е забележан одлив на здравствени работници од внатрешноста кон Скопје, како и од јавното кон приватното здравство. Сепак, од Фондот велат дека зголемувањето на платите во јавниот сектор веќе дава резултати и дека дел од лекарите почнале да се враќаат, а неодамна се вратиле и две медицински сестри.
При посетите на болниците низ државата, од ФЗО регистрирале и сериозни неправилности во работењето на одредени одделенија. Како што посочуваат, има хирурзи кои земаат плата и до 2.000 евра, ги користат сите додатоци, но не работат во операциона сала. Наместо тоа, пациентите се препраќаат во други здравствени установи со образложение дека нема тим или услови за работа.
Од Фондот порачуваат дека на ваквата пракса мора да ѝ се стави крај. Планирано е затворање на одделенијата кои не функционираат, а истовремено да се стимулираат и развиваат оние здравствени установи и тимови кои покажуваат резултати и реално ги опслужуваат пациентите.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

