02 февруари 2026
• од Гоце Кически
Во рамките на културната иницијатива „Вечери на Балканот – Македонија“, во Благоевград се одржа значајна културна средба што обедини претставници на локалната самоуправа, културни дејци и љубители. Настанот се реализираше во партнерство со амбасадорката на Република Северна Македонија во Република Бугарија, Агнеза Руси Поповска, со цел продлабочување на културната и институционалната соработка меѓу двете соседни општини.
Гостин на вечерта беше градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, кој во своето обраќање истакна дека љубовта кон убавините и потенцијалите на Делчево и Македонија е нешто од кое, како што рече, „никогаш не може да се откаже“. Тој ја искористи можноста да ги претстави развојните капацитети на општината пред присутните претставници од бизнис-заедницата и локалната власт во Благоевград.
Посебен впечаток на присутните остави настапот на фолклорната група при НУЦК „Н. Ј. Вапцарова“, која преку автентични игри и носии достојно го промовираше делчевскиот фолклор, традиција и културно наследство. Играорците беа поздравени со долги аплаузи, а нивниот настап беше оценет како вистински културен мост меѓу двете заедници.
Во рамките на средбата, градоначалникот Гоцевски говореше и за конкретни можности за економска и развојна соработка меѓу двете општини. Тој потенцираше дека Делчево нуди поволна и пријателска бизнис-клима и подготвеност на локалната самоуправа активно да ги поддржи сите корисни иницијативи и инвестициски планови.
Меѓу предложените области за соработка беа издвоени културата и угостителството, инвестиции во недвижности, развој на туристичка инфраструктура, формирање откупно-дистрибутивни центри, логистички операции за интензивна трговија, производство и преработка на храна, капацитети од лесна и незагадувачка индустрија, преработка на земјоделски производи, како и соработка во спортот и заштитата на животната средина.
„Нашата цел е да создадеме динамичен проток на идеи, енергија и ресурси со кои Делчево и Благоевград ќе се позиционираат како лидери во локалниот економски развој во годините што доаѓаат“, истакна Гоцевски.
Настанот во Благоевград уште еднаш потврди дека културата е моќен инструмент за поврзување, а локалната соработка клучен двигател за регионален развој и меѓусебно разбирање.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

