20 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Управата за финансиска полиција минатата недела, како и вчера, извршила увид на Клиниката за кардиохирургија поради анонимна пријава која содржи сериозни наводи за можна злоупотреба на материјално-финансиското работење. „Слободен печат“ имаше увид во пријавата, доставена до финансиската полиција во август годинава, која е обезбедена од свиркач.
Според пријавата, клиниката во изминатите две години имала огромен раст на бројот на реверси – медицински средства користени при операции кои не биле набавени преку тендер, туку биле земани на заем. Бидејќи материјалите не биле тендерски обезбедени, не можеле да се внесат во пресметките на пациентите.
„Поради ова, во пописот на крајот на годината, поради ненавремено раздолжување на материјалите, има дискрапанца на кусоци и вишоци што вештачки го зголемуваат или намалуваат буџетот на клиниката. Пописот од 2023 е успешно преработен, додека пописот од 2024 сè уште не е коригиран, со приближен вишок од 60 милиони денари“, стои во пријавата.
Пријавителот дополнително укажува на екстремно високи плати кај дел од докторите, како и селективно доделувани награди на некои медицински сестри. Распоредите на лекарите, според пријавата, не се совпаѓале со електронската евиденција ниту со податоците на исплатени лични доходи.
Во документот се наведува дека имало доктори чија месечна плата со сите додатоци достигнувала и над 250.000 денари, односно повеќе од 4.000 евра. Органите ќе треба да утврдат дали нивното работно присуство може да се потврди преку системот за електронско „отчукување“.
Пријавата содржи и тврдење дека во случај на склучен тендер за одреден медицински материјал, веднаш по потпишувањето била повлечена целата количина и сместена во просториите на клиниката — што никогаш претходно не се случувало. Со тоа се доведува во прашање и правилното складирање на материјалите.
Директорот на Клиниката за кардиохирургија, д-р Дејан Димитровски, го потврди присуството на финансиската полиција.
„По нивно барање, ставена им беше на увид документација за материјално-финансиското работење и електронската евиденција за период од 2022 до октомври 2025 година. Дополнително, побарав увидот да се прошири и на документацијата од 2015 година, за целосна и транспарентна проверка. Клиниката целосно соработува со надлежните институции и е посветена на законитост во работењето“, изјави Димитровски.
Од Управата за финансиска полиција, иако побаравме одговори за активностите на оваа стратешки важна клиника, не добивме официјален одговор до заклучувањето на текстот.
Клиниката годинава се соочи и со сериозен недостиг од анестезиолози, што го отежна изведувањето на операции. Во меѓувреме, Министерството за здравство формираше Комисија за утврдување дали во одредени случаи биле изведувани операции на срце без медицинска потреба. Комисијата беше формирана по изјавата на кардиологот д-р Сашко Кедев, кој тврдеше дека е запознаен со такви случаи.
Првичната анализа на Комисијата покажа дека од 19 испитувани кардиоваскуларни операции, за 10 немало медицинска потреба. Сепак, не беше откриено во кои болници се извршени ниту кои лекари ги изведувале интервенциите.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

