17 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Основниот кривичен суд Скопје им определи мерка притвор во траење од 30 дена на осум лица поврзани со вчерашната акција во Управата за јавни приходи (УЈП), информираа попладнево од Судот.
„Заврши распитот на осум приведени лица поврзани со вчерашната акција во Управата за јавни приходи – УЈП, а по нивно произнесување, како и ценење на фактите и доказите, прифатен е предлогот и на сите осуммина им е определена мерка притвор во траење од 30 дена поради постоење опасност од бегство, влијание врз сведоци и можност да го довршат или повторат делото“, соопштија од Кривичниот суд.
Под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, истражители од Истражниот центар при Обвинителството, со асистенција на Министерството за внатрешни работи, вчера извршиле претреси на 16 локации низ државата. Акцијата траела до доцните вечерни часови, при што биле пронајдени и привремено одземени фиктивна документација, парични средства, оружје и лажни печати од правни лица, а осомничените лица биле обезбедени.
Од Јавното обвинителство информираа дека акцијата е резултат на заеднички постапувања на Истражниот центар и Управата за финансиско разузнавање, по претходно известување од Агенцијата за национална безбедност. Во рамки на истрагата биле обезбедени докази за основано сомнение за сторени кривични дела од финансиска природа, по што било отворено предмет и донесена наредба за спроведување истражна постапка против вкупно 20 лица. Според првичните проценки, со нивните дејствија буџетот на државата е оштетен за 297.733.844 денари, односно околу 4,8 милиони евра.
Според наодите од истрагата, првоосомничениот, српски државјанин и сопственик и управител на две правни лица, заедно со двајца службеници од УЈП – Регионална дирекција Скопје, во текот на 2023 година формирале група со цел вршење кривични дела даночно затајување, даночна измама, перење пари и злоупотреба на службената положба. Во периодот од 2023 до 2025 година, во групата биле вклучени и други сопственици, управители и вработени во правни лица од Скопје и Гевгелија.
Со прикажување неточни податоци во даночните пријави и со помош на даночни службеници од УЈП, првоосомничениот во периодот 2023–2024 година избегнал плаќање данок во износ од 11.593.403 денари. Дополнително, други осомничени сопственици и управители на правни лица со лажни пријави побарале, а осомничени вработени им одобриле, неосновано враќање данок за нерезидентни правни лица, со што на буџетот му била нанесена штета од 31.175.168 денари.
Дел од осомничените, во истиот период, вршеле трансфер и подигање парични средства со цел прикривање на потеклото на парите прибавени со кривични дела, во вкупен износ од 91.985.197 денари. Досега прибраните докази упатуваат дека осомничени вработени во УЈП – Регионална дирекција Скопје, од кои некои на високи раководни позиции, со повеќекратни злоупотреби на службената положба му нанеле вкупна штета на буџетот на Република Северна Македонија од најмалку 162.980.076 денари.
Јавниот обвинител, ценејќи ги сите околности, утврдил дека се исполнети условите за определување притвор за десет осомничени лица. На судијата на претходна постапка му било предложено мерката притвор да им се определи на осум лица, додека за две лица таа веќе е определена во друг предмет поврзан со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. За останатите десет лица предложени се мерки за обезбедување присуство, меѓу кои и забрана за вршење работни активности поврзани со кривичното дело, како и забрана за извршување службени должности во УЈП.
СДСМ прашува: Каде ја води Мицкоски Македонија – на иста листа со Сомалија?
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден
