Филипче: Владата воведе данок на иднината, под хипотека се неколку идни генерации
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска од Охрид остро ја критикуваше Владата во врска со најавеното задолжување преку договор со Велика Британија, обвинувајќи ја дека со своите постапки го загрозува финансискиот суверенитет на идните генерации.
Во изјава за медиумите, Филипче истакна дека јавноста нема никакви информации за содржината на договорот, роковите, ниту за условите, како што е каматната стапка. Тој подвлече дека овие прашања се логични и легитимни и ја обвини министерката за финансии за нетранспарентност и неодговорност.
„Министерката за финансии нема одговор на овие прашања. Тоа е еднакво неодговорно и ако не знае, и ако ги крие информациите. Тоа не доликува на некој што треба да ја чува државната каса“, изјави Филипче.
Според анализите на СДСМ, планираното задолжување сериозно ќе го оптовари јавниот долг и ќе постави долгорочен финансиски товар на неколку идни генерации.
„Практично, оваа влада воведува данок на иднината, а под хипотека се ставаат неколку идни генерации“, предупреди Филипче и повика на итна и целосна транспарентност во врска со договорот.
СДСМ бара Владата да излезе со сите детали за финансискиот аранжман и да ги информира граѓаните за последиците од ова задолжување, нагласувајќи дека јавниот интерес и иднината на државата не смеат да се третираат со затворени врати.