06 април 2026
• од Гоце Кически
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска од Повардарието упати остри критики кон Владата предводена од Христијан Мицкоски, оценувајќи дека актуелните политики сериозно ја загрозуваат егзистенцијата на земјоделците.
Во изјава за медиумите од село Криволак, Филипче информираше дека остварил средби со земјоделци, лозари и производители на житарици, при што, како што рече, состојбата на терен е „навистина алармантна“.
„Во услови кога растат цените на нафтата, земјоделците се соочуваат со сериозни предизвици. Прво, нивната егзистенција е директно загрозена, како и опстанокот на нивните семејства. Второ, постои реална опасност од недостаток на одредени земјоделски производи, особено житарици, што може да доведе до дополнителен раст на цената на лебот до крајот на годината“, изјави Филипче.
Тој ја обвини Владата за негрижа кон земјоделскиот сектор, посочувајќи на низа проблеми со кои се соочуваат производителите.
„Никој не води грижа за наводнувањето, каналите не се исчистени, а откупните центри ги уценуваат земјоделците со ниски цени, што им станува услов за добивање субвенции. Имаме ниски субвенции, ниски откупни цени за грозјето, а за дел од сортите нема ни најава за откуп“, рече тој.
Филипче посебно ја истакна и состојбата кај сточарите, нагласувајќи дека субвенциите не се исплатени, додека трошоците за производство постојано растат – од работна рака, вода, до ѓубрива.
Дополнително, според него, ситуацијата е влошена и поради недостапноста на средства од европската ИПАРД програма.
„Дополнителните средства преку ИПАРД ги нема, затоа што Европската унија ги фати властите во злоупотреба на тие пари – директно од џебот на земјоделците“, обвини Филипче.
Тој најави дека СДСМ ќе предложи нов пакет законски решенија во согласност со барањата на земјоделците, потсетувајќи дека и минатата година предложиле мерки, меѓу кои и зголемување на откупната цена на грозјето, но тие биле одбиени од власта.
„Искрено се надевам, иако не верувам, дека оваа власт ќе покаже разбирање и ќе обезбеди помош за земјоделците“, порача Филипче.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

