25 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и пратеник, д-р Венко Филипче, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати сериозни обвинувања до Владата во врска со аферата со Алта банка, оценувајќи дека наместо одговори и транспарентност, власта применува тактики на дефокусирање и замолчување на критиките од опозицијата.
Во прашањето упатено до премиерот Христијан Мицкоски, Филипче посочи на, како што рече, јасните и блиски релации на актуелната власт со Србија и со Српската напредна странка, потенцирајќи дека тие односи се одразуваат и во политичкиот и во јавниот настап на Владата.
„Јасни се релациите со Србија, јасни се релациите со вашата сестринска партија, со СНС, ама со Вучиќ како да сте браќа – така се однесувате во последно време, таков ПР имате“, изјави Филипче од собраниската говорница.
Тој потсети дека токму СДСМ ја открила аферата со Алта банка и нагласи дека станува збор за случај со сериозни последици по финансискиот систем и институционалниот интегритет на државата.
„Да не ја откриевме ние аферата со банката, која се обидела да влезе и да вложи капитал во Европската Унија, но била одбиена затоа што капиталот бил оценет како сомнителен, вие тука ѝ ги отворивте ширум вратите“, рече Филипче.
Дополнителен сомнеж, според него, отвора и информацијата дека поранешен член на извршниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ требало да биде дел од бордот на директори на Алта банка, што, како што оцени, укажува на потенцијален судир на интереси и политичко влијание во финансискиот сектор.
Филипче се осврна и на податоците за доделување јавни набавки, посочувајќи дека значителен број тендери завршиле кај лица и компании блиски до власта.
„161 тендер во вредност од 5,3 милиони евра не е случајност, туку јасен показател за начинот на кој се води државата“, нагласи тој.
На крајот, Филипче порача дека граѓаните заслужуваат целосна вистина, отчетност и одговорност од институциите, а не притисоци, закани и обиди за замолчување на оние што укажуваат на сомнителни релации и можна злоупотреба на јавните ресурси.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

