Филипче: Славески како гувернер ќе следи партиски директиви, а не реална монетарна политика
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, жестоко реагираше на предлогот на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, за назначување на Трајко Славески за нов гувернер на Народната банка. Според Филипче, ваквата одлука не е заснована на стручност и независност, туку претставува потег со кој ВМРО-ДПМНЕ ја партизира и последната институција што до сега функционираше врз основа на експертски критериуми.
„Со предлогот Трајко Славески да биде гувернер на Народната банка, и последната институција која ја водеше експерт ќе биде партизирана“, изјави Филипче.
Тој оцени дека со ваквата номинација, Славески нема да биде независен во своето работење и нема да води реална и балансирана монетарна политика. Наместо тоа, според него, ќе се раководи според партиски директиви, што ќе ја загрози макроекономската стабилност на државата.
„ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш покажува дека нема интерес да им служи на граѓаните, туку на сопствените теснопартиски интереси“, додаде Филипче, изразувајќи загриженост дека овој избор ќе има сериозни последици врз економската политика и довербата во институциите.
Филипче ова го изјави за време на средбите со граѓаните и членовите на СДСМ во општините Желино, Брвеница и Гостивар, каде што продолжува со интензивни теренски активности.