09 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на прес-конференција ја обвини Владата дека не презема соодветни мерки за справување со растот на цените, кој според него е директна последица на случувањата и воените тензии на Блискиот Исток. Тој предложи пакет економски мерки со цел да се ублажи ударот врз граѓаните и да се спречи дополнително поскапување на животните трошоци.
Филипче предложи намалување на данокот на додадена вредност (ДДВ) за сите видови горива од сегашните 18 проценти на 5 проценти. Мерката би се однесувала на дизелот, безоловниот бензин, гасното масло, течниот нафтен гас и метанот.
Покрај тоа, тој предложи и намалување на акцизата за горивата за 4 денари по литар, што според него директно би придонело за пониска цена на горивата на бензинските пумпи. Како дополнителна мерка, Филипче предложи целосно укинување на ДДВ за основните прехранбени производи, односно воведување нулта даночна стапка, со цел да се спречи евентуален пораст на цените на храната.
Според него, Владата не реагира навреме на економските последици од кризата на Блискиот Исток и растот на цените на нафтата на светските берзи.
„Веќе еден месец континуирано расте цената на нафтата на светските берзи и таа е зголемена за околу 60 проценти. Досега требаше да има вонредна седница на Владата за да се подготви системот и да се донесат мерки за граѓаните да не ги почувствуваат овие ценовни шокови“, изјави Филипче.
Тој оцени дека досегашните мерки на власта не се доволни и дека се сведуваат на, како што рече, „вештачко намалување на трошоците на живот“.
Филипче посочи дека се прави ревизија на потрошувачката кошничка која, според него, не е синдикална туку владина, додавајќи дека со таквите пресметки се намалуваат реалните трошоци за живот на граѓаните.
„Ќе поскапе струјата, ќе поскапат основните прехранбени продукти и тоа ќе биде еден ланец на настани што ќе следат по поскапувањето на горивата“, предупреди тој.
На крајот, Филипче истакна дека предложените мерки се со цел да им се помогне на граѓаните во услови на растечки цени и апелираше Владата да ги разгледа и да ги прифати.
„Сметам дека Владата треба да ги земе предвид овие предлози и да ги реализира за доброто на граѓаните“, заклучи претседателот на СДСМ.
Денеска 9 март 2026 година се празнува Наоѓањето на главата на Свети Јован Крстител
Саше Политико: УДБА е премногу укопана за Заев да го решeше бугарското прашање
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

