07 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), д-р Венко Филипче, во гостување во емисијата „Click Plus“ на ТВ21 изјави дека постојат сомнежи оти системот „Safe City“ можеби штити лица блиски до ВМРО-ДПМНЕ, соопштија од СДСМ.
Филипче истакна дека СДСМ го поддржува унапредувањето на безбедноста во сообраќајот, но посочи дека остануваат отворени сериозни прашања во врска со контролата и управувањето со податоците што ги собира системот.
„Што се случува со податоците? Како може да поддржиме закон во кој воопшто не е регулирано што се случува со податоците што ги собира системот ‘Safe City’? Камерите снимаат насекаде низ градот, а никој не знае каде се чуваат тие податоци и кој има контрола врз нив“, изјави Филипче.
Тој додаде дека до СДСМ стигнале информации дека одредени регистарски таблички на возила кои им припаѓаат на членови на ВМРО-ДПМНЕ биле отстранети од системот „Safe City“, со цел тие возила да не бидат евидентирани и санкционирани.
„Имаме информации дека некои таблички на автомобили на членови на ВМРО-ДПМНЕ се отстранети од системот ‘Safe City’, за да не се регистрираат и да не бидат казнувани нивните луѓе“, рече Филипче.
Тој нагласи дека овие информации се сериозни и дека во наредниот период очекува да се појават и дополнителни детали.
„Ова се информациите што пристигнуваат до нас и ќе видиме во следниот период какви други информации ќе излезат“, изјави Филипче.
Во интервјуто, Филипче исто така оцени дека владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ не покажува волја за системски решенија кои се во интерес на граѓаните.
„Нема желба од оваа влада да се направи нешто суштинско во интерес на сите. Ова е најлошата влада во историјата на државата. Тие немаат ниту знаење, ниту капацитет, ниту искуство како се води држава, а немаат ниту желба да направат нешто добро за граѓаните“, изјави Филипче.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

