Филипче од Гостивар: Владата склучува договори без јавноста да знае за каматите и трошоците
На средба со членството на СДСМ во Гостивар, претседателот на партијата Венко Филипче упати сериозни критики кон актуелната влада поради начинот на кој се склучуваат големи финансиски договори без претходно информирање на јавноста за условите.
„Да се задолжи земјата 6 милијарди евра без да се знаат условите на заемот – каква е каматата, кои се роковите – тоа е апсолутно неприфатливо и ненормално“, истакна Филипче.
Тој додаде дека договорот е склучен под образложение за „стратешко партнерство со Велика Британија“, но оти тоа не е доволна причина за да се изостави транспарентноста. „Министерката за финансии зборуваше за ангажирање на британски компании, па спомена Закон за јавни набавки, но ние проверивме – не е така“, посочи тој, нагласувајќи дека се работи за прикривање на вистинските трошоци и обврски кои произлегуваат од договорот.
Филипче изрази загриженост и за широкиот контекст во кој се склучува ваквиот заем. „Додека земаме огромни кредити, процесот на интеграција во Европската Унија е во застој. За вакви проекти, како што е пругата која ја најавуваат, ЕУ нуди грантови. Зошто тогаш заем со тежок товар за идните генерации, кога можеме да добиеме неповратни средства и поповолни услови?“, праша тој.
Со овој настап, лидерот на СДСМ упати порака дека партијата ќе продолжи да ја надгледува работата на Владата и ќе инсистира на транспарентност и отчетност, особено кога станува збор за крупни финансиски одлуки кои го засегаат секој граѓанин.