01 март 2026
• од Гоце Кически
Венко Филипче, вечерва одржа средба со тутунопроизводителите од велешко Горно Оризари, на која се разговараше за, како што беше посочено, лошите владини политики во делот на производството на тутун и севкупното земјоделство.
На средбата, тутунарите изразија сериозен револт поради состојбите во секторот, оценувајќи дека последиците од актуелните политики директно ги чувствуваат во своето секојдневно работење и егзистенција.
Филипче истакна дека незадоволството кај земјоделците е оправдано, нагласувајќи дека наместо поддршка, тие се соочуваат со дополнителни административни и финансиски оптоварувања.
„Оваа влада го скрати буџетот за земјоделски субвенции за 40 милиони евра и ги усложни условите за добивање субвенции. Трудот на тутунарите, кои од утро до мрак се на нива, е понижен. Владата на ВМРО-ДПМНЕ покажа дека не ѝ е важен ниту развојот на земјоделството, ниту илјадници земјоделски семејства кои егзистираат од овој сектор“, изјави Филипче.
Тој посочи дека актуелната власт ги укинала, како што рече, сите позитивни мерки воведени во периодот кога СДСМ ја предводеше Владата.
„Сите добри мерки што ги воведе владата на СДСМ ги укинаа. Нема авансна исплата на субвенциите, земјоделците останаа без сигурност, без поддршка, без чувство дека трудот им се вреднува“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ додаде дека, според него, власта ги кратела средствата од клучни сектори со цел да обезбеди финансии за, како што наведе, сопствени луксузи и сомнителни тендери.
„Оваа влада крати од сите, само за да има за сопствениот луксуз, само за криминални тендери. Земјоделството не смее да биде жртва на политички игри и криминални политики. СДСМ е со земјоделците, ние сме нивниот глас, преку сите расположливи механизми ќе се бориме за секој земјоделец“, нагласи Филипче на средбата со тутунарите од Горно Оризари.
Средбата е дел од теренските активности на опозициската партија, насочени кон директна комуникација со граѓаните и засегнатите сектори.
Израелската армија соопшти за најголемата воздушна операција во својата историја
Силна поддршка од Трамп до народот на Иран: Америка стои зад вас со огромна сила
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

