18 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, од Брисел упати силна порака за, како што истакна, сериозната загрозеност на демократијата во Македонија и побара поддршка од европските демократски и прогресивни сили.
„Ви се обраќам од Брисел затоа што борбата за слободата и демократијата во Македонија бара акција и заедничко дејствување“, изјави Филипче, оценувајќи дека неодамна донесената Резолуција на ДПМНЕ и ЗНАМ во Собранието претставува директен удар врз демократските вредности. Според него, станува збор за „срамна и неуставна резолуција“ насочена против опозицијата, со што се нарушуваат слободата на говор, слободата на мислење и политичкото дејствување.
Филипче предупреди дека кога парламент носи неуставни акти против опозицијата, државата престанува да функционира како демократија и влегува во опасна фаза на авторитаризам. „Тоа е пат кон режим, во кој власта сака да ја замолчи и забрани работата на опозицијата, да создаде еднопартиска држава и целосно да ја згасне слободата на говор“, нагласи тој.
Претседателот на СДСМ порача дека неговата партија нема да дозволи ваков развој на настаните. „СДСМ ќе ја брани слободата и демократијата“, истакна Филипче, најавувајќи дека во Брисел ќе побара поддршка од цела Европа, од сите прогресивни и демократски сили, како и од сестринските социјалистички и социјалдемократски партии.
Тој подвлече дека Македонија мора да остане слободна, демократска и европска држава и повика на поширока општествена мобилизација. „Време е за формирање единствен граѓански фронт – фронт за правда, слобода и демократија“, рече Филипче, нагласувајќи дека во таков фронт треба да се обединат сите граѓани, без разлика на партиска, етничка или идеолошка припадност.
„Да застанеме како еден во одбрана на демократијата, слободата на говорот и мислењето, и во одбрана на Македонија. Да ја одбраниме Македонија. Да ја одбраниме демократијата“, порача Филипче од Брисел.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

