Филипче ја призна грешката, дали истото ќе го направи и Ахмети – прашуваат од „Вреди“ за измените на Кривичниот законик
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ја призна грешката, дали истото ќе го направи и Али Ахмети – прашуваат во писмена реакција од коалицијата „Вреди“ откако лидерот на социјалдемократите вчера рече дека згрешиле со носењето на измените на Кривичниот законик, за што последно реагираше и Европската комисија во својот последен Извештај за владеењето на правото во С Македонија.
Лидерите на четирите опозициски партии на Албанците кои се дел од коалицијата „Вреди“ / Фото: Архива
Од „Вреди“ оценуваат оти забелешките кои ЕК ги евидентирала во оваа смисла покажуваат „како претходниот режим ја спроведувал власта со нечесни и незаконски методи“.
„Интервенциите на ДУИ во судскиот систем беа неприфатливи. Се сеќаваме на притисоците врз претседателката на Врховниот суд, само затоа што таа одби да го помилува и да го врати Никола Груевски во Македонија како херој. Овие постапки длабоко го потресоа јавното мислење. Исто така, претходната гарнитура го смени Кривичниот законик за да ги намали и застари казните на поранешните функционери, чин кој беше презентиран од ДУИ како усогласување со европските стандарди“наведуваат од „Вреди“ во писменото соопштение.
Носењето на измените на Кривичниот законик, според владејачката коалиција на Албанците, е уште еден обид за измама на граѓаните и заштита на интересите на тогашната власт, а на штета на правдата и транспарентноста.
„Спротивно на горенаведеното, коалицијата ‘Вреди’ е посветена на следење на чист и чесен пат. Се потпираме на поддршката од граѓаните за да изградиме подобра иднина за нашата земја. Преку функционери избрани без коруптивни дамки, демонстрираме европско однесување и транспарентност во нашите постапки“велат од „Вреди“.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, вчера изјави дека е направена грешка со носењето на измените на Кривичниот законик, кои своевремено беа предмет на низа критики од домашната и меѓународната стручна јавност.
На вчерашниот брифинг со новинарите, Филипче кажа дека како опозициска партија нема да водат политика на затворање очи и уши пред критиките на јавноста, а меѓу првите иницијативи, како што рече, ќе биде носење нов Кривичен законик, кој веќе неколку години стои изготвен и чуван во Министерството за правда.
На изјавата на Филипче вчера реагираше и премиерот Христијан Мицкоски, кој оцени оти СДСМ се претворил во маалска клупа што во јавноста на дневна основа смислува тези кои никој, па дури ни тие самите не ги разбираат.