02 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Езерото „Младост“ кај Велес повторно е во центарот на вниманието – но овојпат поради сериозна еколошка и здравствена закана. Последните анализи на Центарот за јавно здравје – Велес, направени на 17 јули, покажуваат дека водата содржи количини на амонијак кои се дури 50 пати над дозволеното ниво. И покрај предупредувањата, езерото сè уште се користи за рекреација, капење и риболов.
Иако микробиолошките анализи покажуваат добра оцена, физичко-хемиските параметри ја класифицираат водата во третата до петтата класа – што значи дека таа не е погодна за никаква употреба. Дополнителен знак за тревога е присуството на густа биомаса и алги со непријатна жолто-кафеава боја, кои го покриваат крајбрежјето.
Стручњаците предупредуваат на можноста за присуство на цијанобактерии – микроорганизми што создаваат цијанотоксини, токсични материи кои можат да предизвикаат сериозни здравствени проблеми: оштетувања на црниот дроб, невролошки нарушувања, па дури и кожни болести. Центарот за јавно здравје поради тоа повторно бара итна и специјализирана анализа за да се потврди или отфрли присуството на овие токсини.
Изворот на загадувањето најверојатно се отпадните води што завршуваат во езерото од околните населби, од кои некои сè уште не се приклучени на колекторскиот систем за пречистување. Сѐ додека не се реши овој проблем, езерото ќе остане ризик по јавното здравје.
Надлежните стручни служби се категорични: водата од езерото „Младост“ не смее да се користи – ниту за капење, ниту за риболов, наводнување или било каква рекреативна намена. Граѓаните се повикуваат на максимална претпазливост и избегнување на контакт со водата, сè додека не се добијат позитивни резултати од дополнителните испитувања.