14 февруари 2026
• од Гоце Кически
Деветнаесеттиот состанок на Комитетот за стабилизација и асоцијација меѓу Европската унија и Северна Македонија се одржа на 10 февруари во Скопје, при што Брисел го поздрави постигнатиот напредок, но и нагласи дека реформскиот процес треба да продолжи со засилено темпо, особено во клучните области.
Комитетот ги поздрави „важните достигнувања направени од последниот состанок во 2021 година“, вклучително и завршувањето на скрининг-процесот и почетокот на фазата на отворање на пристапните преговори.
Сепак, ЕУ подвлече дека е „важно Северна Македонија да продолжи напред со пристапниот процес и да ги спроведе условите утврдени во Заклучоците на Европскиот совет од 2022 година“, што укажува дека реформската агенда останува во фокусот на Брисел.
Особено внимание беше посветено на регионалната соработка. ЕУ повтори дека „добрососедските односи и регионалната соработка остануваат суштински елементи на процесот на проширување“, што е стандардно барање во европската рамка за пристапување.
Во истиот контекст, беше нагласено дека „билатералните договори треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни“. Оваа позиција е дел од општите критериуми на Европската унија кои важат за сите земји кандидати и имаат цел да обезбедат стабилен и предвидлив интеграциски процес во согласност со европските правила.
Европската страна особено ја истакна потребата од напредок во т.н. фундаментален кластер — област која ги опфаќа владеењето на правото, јавната администрација и заштитата на правата на заедниците.
Беше поздравен напредокот околу подготовката на патоказите за реформа на јавната администрација и за поглавјата поврзани со владеењето на правото, заедно со акцискиот план за заштита на правата на лицата кои припаѓаат на малцинства или заедници.
Воедно, Комитетот нагласи дека е важно да се реализираат сите чекори од реформската агенда, „како приоритет особено оние што го достигнуваат крајот на грејс-периодот во јуни 2026 година“.
Брисел упати повик до сите политички партии и национални чинители да работат заеднички на зајакнување на политичкиот дијалог, сигнализирајќи дека внатрешниот консензус останува важен за европската интеграција.
Во делот на изборните правила, беше нагласена потребата од адресирање на „преостанатите препораки на ОБСЕ/ОДИХР и на Венецијанската комисија“, што укажува дека усогласувањето во оваа област треба дополнително да напредува.
ЕУ исто така охрабри продолжување на реформите во судството и борбата против корупцијата и организираниот криминал, како и подготовката на нов Кривичен законик усогласен со европското право.
Севкупно, пораката од состанокот е дека процесот на пристапување продолжува, со јасни европски очекувања реформите да се спроведуваат динамично и во целосна согласност со утврдените критериуми на Унијата.
Еден од само 50 Maserati Grecale Tributo Il Bruciato е во сопственост на Бугарка
Бугарското собрание го ратификуваше Договорот за железничкиот тунел на Коридор 8
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

