27 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Во регионот на Кичево е забележан сериозен еколошки проблем – реката Студенчица се соочува со драстичен недостиг на вода. Според извештаите од терен, околу три километри од речното корито се целосно суви. Оваа состојба предизвика голема загриженост кај еколозите и кај здружението „Hunter Fish“. Како можни причини се наведуваат климатските промени, минирањето на земјиштето, како и неконтролираната употреба на водните ресурси за земјоделство и индустрија.
Експертите предупредуваат дека сушењето на реките може да предизвика непоправлива штета за локалниот екосистем, како и за снабдувањето со вода на населението.
Миле Алексоски, познавач на природните извори, вели дека најголемите проблеми се јавиле кај изворите на реката Треска и уште десетина други извори во близина на селото Другово.
„Најголеми оштетувања има кај главниот извор на реката Треска во селото Извор. Со минирањето при изградбата на автопатот, дел од изворите се затворени, блокирани или сериозно оштетени“, објаснува Алексоски.
Претседателот на здружението „Hunter Fish“ и концесионер на реките во Кичево, Бесмир Елез, нагласува дека водниот живот е пред исчезнување.
„Пред неколку недели пуштивме автохтона пастрмка во реката, бидејќи е период на нејзино размножување. Но, со вакви услови, таа нема можност да опстане или да се размножува природно“, изјави Елез.
Жителите бараат итна интервенција од локалните и државните институции за да се спречи натамошно влошување на состојбата. Алексоски апелира државата сериозно да ја сфати оваа криза.
„Потребни се детални истражувања за да се утврди што точно се случило и дали постои начин да се вратат водите“, додава тој.
За ситуацијата се веќе алармирани сите надлежни институции. Сепак, останува прашањето колку брзо ќе се преземат конкретни мерки за спас на кичевските реки и зачувување на природниот баланс во овој регион.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

