македонија15 јануари 2025 ДУИ: Вевчанскиот карневал е опасна провокација за мирот и стабилноста
Демократската унија за интеграција најостро го осудува, како што велат, неприфатливиот чин на исмејување и сатиризирање на обидот за атентат врз Зијадин Села, што се случило за време на Вевчанскиот карневал. Од опозициската партија соопштуваат дека „ова е тешко нарушување на човечкото достоинство и опасна провокација за мирот и социјалната стабилност“.
-Незамисливо е вака сериозен настан, кој шокираше многу граѓани и зад себе остави сериозни последици по животот на поединци, да биде искористен како предмет на потсмев и омраза на јавен настан. И покрај тоа што овој чин се случи пред очите на институциите и јавноста, никој не реагираше, не осуди, ниту презеде мерки за да се спречи нормализирање на омразата и насилството.
Додека Албанците и другите етнички групи се казнуваат за мирни и културни активности, одредени поединци во Вевчани го користат овој карневал за да шират пораки за омраза и насилство. Ова е неприфатлива форма на малтретирање и поттикнување на етнички и социјални поделби, велат од партијата на Али Ахмети.
ДУИ бара итна и силна реакција од сите надлежни институции за да се погрижат, како што наведуваат, ваквите грди дела да не се толерираат ниту да останат неказнето.
-Не можеме да дозволиме омразата и насилството да бидат дел од нашата општествена култура, ниту да се користат за политички цели или тесни етнички чувства. Напротив, мораме да ги промовираме вредностите на соживот и меѓусебното почитување, сите заедно посветени на еднакво и мирно општество, стои во партиското соопштение.
На 27 април 2017 година при упадот во Собранието, најтешко повреден беше пратеникот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, кој имаше отоци на мозокот од повредите и ударите што ги доби од демонстрантите кои го влечеа низ собраниските ходници