10 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Демократската унија за интеграција (ДУИ) изрази сериозна загриженост за, како што наведува, забрзаното спроведување на агендата на т.н. “Српски свет” во Македонија, која, според партијата, веќе не е само политичка реторика, туку добива конкретна форма преку економско и политичко продирање, со активна вклученост на ВЛЕН како алатка за реализација на овој „антизападен концепт“.
ДУИ наведува повеќе примери кои, според нив, го потврдуваат овој тренд: приоритетот што му е даден на Kоридорот 10 наместо на Kоридорот 8 што ја поврзува земјата со Албанија и Бугарија, посетите на Милорад Додик со проруска и анти-НАТО реторика, учеството на високи црковни претставници во државни активности заедно со Стоилковиќ, како и донации од субјекти со српско потекло. Сите овие активности, според партијата, се дел од координирана стратегија за оддалечување на Македонија од евроатлантскиот курс и приближување кон „источен блок“ кој е туѓ на вредностите на земјата.
Како најнов доказ за овој процес, ДУИ го посочува влегувањето на српскиот капитал во банкарскиот сектор – по влезот на Српски Телеком, сега „Алта Банка“ треба да ја преземе Стопанска банка АД Битола. Нејзиниот сопственик, Давор Маќура, според соопштението, има блиски врски со Милан Радојчиќ, организаторот на терористичкиот напад во Бањска, Косово. ДУИ тврди дека станува збор не за неутрална инвестиција, туку за политичко-финансиски инструмент на „Српскиот свет“ за зголемување на влијанието на Белград и слабеење на западните безбедносни и економски структури во државата.
Партијата ја обвинува актуелната влада, со ВЛЕН како политичка алатка, дека дозволува „економска и политичка колонизација“ и дека ги предава државните и националните интереси на Албанците, истовремено поткопувајќи ја европската интеграција на Македонија.
ДУИ порача дека „Српскиот свет“ нема место во земјата и дека Македонија мора да остане цврсто на патот кон ЕУ и НАТО, во духот на демократија, еднаквост и меѓуетнички соживот. Секое отстапување од овој курс, велат, е предавство кон граѓаните и нивната иднина.
Независните ќе можат да учествуваат на локалните избори без собирање потписи
Левица: Суспендираниот началник од Демир Хисар незаконски лишувал од слобода