ДУИ: Со самопонижувањето, ЛЕН ги понижи сите Албанци
Демократската Унија за Интеграција (ДУИ) денеска преку соопштение изрази длабоко разочарување од однесувањето на албанските партнери од коалицијата ЛЕН во владата.
ДУИ обвинува дека во обид да му угодат на премиерот, албанските партнери се самопонижуваат јавно, прифаќајќи да бидат третирани со потценување, да примаат лекции и да им се одредува местото во Владата според личната волја на премиерот.
„Секој ден слушаме – не само од премиерот, туку и од претставници на ВМРО и други македонски партнери – кој со кого смее да разговара, кој со кого може да соработува и кој со кого е ‘фатен’ на средба“, стои во соопштението на ДУИ.
Партијата критикува дека албанските партнери во Владата се понижени јавно како деца кои направиле грешка, принудени да даваат отчет пред медиумите за нивните политички планови, средби или идеи што не биле одобрени од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
ДУИ потсетува дека мандатот не го дава Мицкоски, туку албанскиот гласач – кој, како што велат, воопшто не го дал на тие партии. „Албанскиот гласач се чувствува сè повеќе презрен и изневерен,“ се нагласува во соопштението.
ДУИ поставува и низа прашања до ЛЕН:
- Дали некој ве консултираше кога се одржа моноетничката средба со лидерот на СДСМ за иднината на државата?
- Дали ве информираа за работните групи што беа најавени јавно?
- Дали е прифатливо македонските партии да зборуваат отворено за државни прашања, а албанските да мораат да бараат дозвола за секое движење?
- Дали не ве загрижува што на клучните државни функции се поставуваат личности познати по антиалбански ставови, со про-руски и српски агенди?
ДУИ предупредува дека, според нив, во последната година албанскиот јазик речиси исчезнал од институциите, а целиот државен апарат е активиран да го уништи Инспекторатот за употреба на јазиците.
Во завршницата на соопштението, ДУИ упатува остро предупредување: „Како никогаш досега, го пониживте Албанецот – и тој ќе ве казни на секои избори што ќе дојдат. Затоа е јасно: се плашите од предвремени парламентарни избори, затоа што токму Албанците се тие што ќе ви го покажат вашето место.“