ДУИ со остра реакција: Именувањето на Богојески е навреда за Албанците и европските вредности
Демократската унија за интеграција (ДУИ) жестоко реагираше на одлуката на Владата да го назначи Петар Богоевски за директор на Агенцијата за европски образовни фондови. Партијата го оцени потегот како длабоко провокативен и навредлив, не само за албанската заедница во земјата, туку и за самите европски вредности кон кои Македонија официјално стреми.
Во соопштението на ДУИ се вели дека е скандалозно и недозволиво личност која, како што посочуваат, со години наназад се истакнувала со навреди и потценување кон Албанците, денес да биде наградена со висока државна функција. Овој чин, според нив, испраќа опасна порака – дека омаловажувањето на Албанците не само што не се казнува, туку дури и се наградува.
„Иронијата е уште поголема ако се земе предвид дека токму против Богоевски постоеле кривични пријави поднесени од партиите на ВЛЕН – истите оние кои денес стојат зад неговото назначување“, истакнуваат од ДУИ.
Партијата предупредува дека ваквата одлука сериозно го поткопува кредибилитетот на институциите и интегративниот процес, особено имајќи предвид дека на Богоевски му се доверува управување со европски средства – и покрај, како што велат, неговите навредливи изјави не само кон Албанците, туку и кон самата Европска Унија и нејзините вредности.
„Ова е директна навреда и за европските партнери и за граѓаните на ЕУ, чијашто поддршка преку овие фондови треба да служи за приближување на младите до европските идеали – не за нивно понижување“, стои во реакцијата.
ДУИ бара итно повлекување на одлуката и враќање на, како што го нарекуваат, изгубениот сериозен пристап во прашањата поврзани со европската интеграција, образованието и соживотот.
„Владата не смее да дозволи државата да стане сцена на провокации на сметка на меѓуетничките односи и европската перспектива“, порачуваат од партијата.