28 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Демократска унија за интеграција (ДУИ) остро реагира на ставот на Народниот правобранител во врска со организирањето на испитите за правосудство, нотарство и извршители, оценувајќи го како скандалозен, правно неоснован и неприфатлив.
Од партијата истакнуваат дека ваквиот став директно ја нарушува правото на употреба на албанскиот јазик, кое, според нив, е гарантирано со закон и со Уставот. Особено проблематично, велат од ДУИ, е тоа што правото за користење на албанскиот јазик на државните испити се претставува како право што се остварува само по барање на кандидатот.
„Употребата на албанскиот јазик не е привилегија ниту административна услуга, туку законски и уставно загарантирано право. Институциите имаат обврска да го применуваат тоа по службена должност (ex officio), без да ги оптоваруваат граѓаните со дополнителни процедури“, нагласуваат од партијата.
ДУИ исто така ја отфрла аргументацијата дека е потребно усогласување на други закони за да се овозможи ова право. Според нив, Законот за употреба на јазиците јасно ги регулира овие прашања и обврзува на негова директна примена. „Проблемот не е во законите, туку во недостатокот на волја за нивно спроведување во практика“, додаваат тие.
Во реакцијата се прави и историска паралела, при што се предупредува дека ваквите толкувања потсетуваат на минати политики на намалување на колективните права. Се посочува 1989 година, кога, како што наведуваат, биле укинати уставни решенија кои произлегувале од Уставот од 1974 година, прво во Македонија, а потоа и во Косово.
„Стекнатите права не се намалуваат со административни толкувања и не се враќаат назад со тенденциозни оправдувања“, стои во соопштението.
Од ДУИ предупредуваат дека ваквите ставови создаваат правна конфузија и несигурност кај кандидатите, како и дека претставуваат чекор назад во стандардите за јазични права. Тие апелираат институциите и носителите на јавни функции да ги штитат правата на граѓаните, наместо да ги релативизираат.
Партијата најавува дека и во иднина ќе продолжи решително да се залага за заштита на јазичните права, еднаквоста на граѓаните и целосна примена на законите во државата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

