11 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Измина една година од, како што ја нарекува ДУИ, „политичката, а не правна“ одлука на Уставниот суд со која беше укинат балансирачот – единствениот механизам што гарантираше фер и соодветна застапеност на етничките заедници во институциите на државата. Од партијата предупредуваат дека последиците се „јасни, болни и алармантни“ и дека земјата се движи наназад, кон состојбите пред 2001 година.
Според ДУИ, одлуката на Уставниот суд не била техничка или административна, туку политичка и антиуставна. Таа, велат од партијата, имала цел да го избрише етничкото самоопределување и да ги демонтира колективните права гарантирани со Охридскиот рамковен договор и Амандманот VI на Уставот.
„Ова беше институционален напад врз еднаквоста и отворен чекор назад кон времето кога Албанците сочинуваа помалку од 0,2% од државната администрација,“ се наведува во соопштението.
ДУИ наведува дека пред укинувањето на балансирачот, Албанците биле застапени со околу 22% во јавната администрација – бројка што постепено растела секоја година. Но по укинувањето, според нив, процентот на Албанците во новите вработувања не надминува 5%.
„Процесот не оди напред, туку назад. Ако ова продолжи, реалната застапеност ќе падне под 20% – што значи тивок институционален прочистувачки процес,“ предупредува партијата.
ДУИ остро реагира и на новиот нацрт-закон за „фер и соодветна застапеност“, изготвен од ВМРО-ДПМНЕ и професорката Каракамишева, а поддржан и од ВЛЕН.
„Овој нацрт не предвидува етнички квоти, ниту обврска институциите да ја евидентираат етничката припадност на вработените, ниту пак санкции за прекршувачите. Тој е во целосна спротивност со Уставот и со принципот на рамноправност,“ стои во реакцијата.
ДУИ го нарекува нацртот „катастрофа – и уставна, и морална“, обвинувајќи дека наместо да се унапреди балансирачот, со него тој се „закопува засекогаш – и тоа со потпис на Албанци“.
Партијата бара итно повлекување на нацрт-законот и враќање на механизмот на балансирачот во согласност со Охридскиот рамковен договор и Уставот.
„Секој ден без овој механизам е уште еден ден кон неправда, нерамноправност и институционален асимилациски процес,“ порачуваат од ДУИ.
„Нема враќање пред 2001 година! Нема администрација без Албанци! Рамноправноста не е опција – таа е темел на државата. Ако државата го заборави тоа, ние ќе ѝ го напомниме – со глас, достоинство и решителност,“ завршува соопштението.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден