05 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Владата на Северна Македонија зема краткорочен кредит во висина од 30 милиони евра од една домашна приватна банка, со цел покривање на тековниот буџетски дефицит. Оваа информација беше објавена преку Службен весник, но без дополнителни детали за рокот на отплата и каматната стапка, што отвори прашања во јавноста.
Министерката за финансии Гордана Димитриевска Кочоска уверува дека станува збор за планирано задолжување, согласно предвиденото во Буџетот за 2025 година. Таа нагласува дека нема отстапување од веќе дефинираните финансиски рамки и дека ликвидноста на државната каса е стабилна.
„Ова задолжување е дел од буџетската рамка за 2025. Буџетот е во одлична кондиција и нема никаков проблем со ликвидноста“, изјави Кочоска.
Кочоска се осврна и на јавните реакции за доцнење на повратот на средства преку апликацијата „Мој ДДВ“, нагласувајќи дека станува збор за технички проблем, а не за финансиски недостиг.
Во однос на повратот на ДДВ кон компаниите, министерката потенцира дека исплатите се одвиваат редовно и без доцнења. Дополнително, таа истакна дека воведувањето на е-фактурата ќе го модернизира системот, ќе го направи поефикасен, а воедно ќе помогне во намалување на злоупотребите.
„Доколку системите беа навреме надградувани, денес немаше да зборуваме за доцнења“, додаде таа.
Кочоска информираше дека Министерството веќе работи на анализи на пазарите за потенцијално ново задолжување во 2026 година. Во план е и издавање на еврообврзница, како и користење на други извори на финансирање, со цел рефинансирање на постоечките долгови и покривање на буџетските трошоци.
Иако државата се задолжува со нов краткорочен кредит, Министерството за финансии уверува дека финансиската состојба е стабилна, а задолжувањето е дел од веќе усогласениот буџетски план. Недостатокот на транспарентност околу каматната стапка и рокот на отплата сепак отвора простор за прашања, но Кочоска уверува дека државата ги сервисира своите обврски навремено и работи на долгорочна фискална стабилност.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

