30 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Граѓаните и туристите во Скопје повторно се соочуваат со одамна познат проблем – нерегуларни, таканаречени „диви“ таксисти кои наплаќаат енормно високи суми за кратки релации. Нов случај на измама, кој деновиве се појави на социјалните мрежи, предизвика бурни реакции и отвори сериозни прашања за контролата и безбедноста на такси превозот во главниот град.
Според сведоштво објавено во Фејсбук-групата „Travel to Macedonia“, странски туристи биле измамени од таксист кој управувал возило со ознаки на такси-компанија што, според проверките, воопшто не постои. Инцидентот се случил на релација од трговскиот центар „Ист Гејт“ до центарот на Скопје – растојание од околу два километри.
Иако патниците претходно се договориле за цена меѓу 500 и 600 денари, што и самите го оцениле како значително повисоко од реалната, вистинскиот шок следел за време на возењето. Таксиметарот покажал сума од дури 1.500 денари, односно околу 25 евра.
„Откако видоа дека таксиметарот покажува 1.500 денари, решија да сопрат уште пред да пристигнат на крајната локација поради неразумната цена“, се наведува во објавата.
Дополнително загрижува фактот што на фотографијата споделена од настанот се гледа возило марка „Мерцедес“ со скопски регистарски таблички, кое слободно се движи низ градот без соодветни лиценци и со лажни ознаки. Ова укажува на сериозни пропусти во надзорот и санкционирањето на нелегалните превозници.
Авторот на објавата упатува апел до сите туристи и граѓани да бидат исклучително внимателни при користење такси-услуги, да користат проверени компании и во случаи на сомнеж или измама веднаш да ја известат полицијата.
Овој случај повторно го актуелизира прашањето за недоволната контрола врз „дивите“ таксисти, кои не само што ги оштетуваат граѓаните и туристите финансиски, туку и сериозно го нарушуваат угледот на Скопје и целокупната туристичка слика на земјата.
Не Бугарија, не Брисел – туку Мицкоски: вистинската причина за застојот кон ЕУ
Кривична пријава против Марко Беслимовски за штета од над 14 милиони денари
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

