Девет македонски кандидати за судија во Стразбур отпаднаа по првата проверка
Комисијата задолжена за избор на македонски кандидат за судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) денеска го одржа својот втор состанок во Министерството за надворешни работи (МНР), каде што ги разгледуваше сите кандидатури пристигнати во предвидениот рок.
Според информациите на телевизија Телма, од вкупно 21 кандидат, дури девет отпаднале уште во првата фаза бидејќи не ги исполниле критериумите и условите наведени во јавниот оглас, кои се усогласени со насоките и стандардите на Советот на Европа.
Останатите 12 кандидати кои ги исполниле условите ќе бидат повикани на интервјуа во среда. По завршување на интервјуата, ќе се изврши селекција на тројца кандидати кои ќе бидат предложени на владата како официјална листа.
Меѓу кандидатите што се пријавија на конкурсот се најдоа познати имиња од македонското правосудство: обвинителката Ленче Ристовска, судијките Оља Ристова, Габриела Гајдова и Едита Насковска, поранешниот претседател на Државната изборна комисија Александар Даштевски, адвокатите Тони Менкиновски, Валентин Пепељугоски, Ирена Ристиќ, како и поранешната директорка на Академијата за судии и јавни обвинители Наташа Габер-Дамјановска.
Сепак, Комисијата засега не соопштува кои конкретно кандидати поминале во следната фаза, а кои отпаднале. Од МНР за Телма кусо потврдија дека интервјуата се закажани за оваа недела, по што ќе се избере финалната тројка.
„Денес се одржа вториот состанок на Комисијата за избор на кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права, а со цел прелиминарно разгледување на пристигнатите апликации, утврдување на комплетноста и навременоста на поднесените апликации, односно исполнетоста на потребните формални критериуми и услови предвидени во јавниот оглас, а согласно насоките и стандардите од Совет на Европа. Во текот на оваа недела, предвидено е одржување на интервјуа со кандидатите кои ја поминаа првичната фаза од процесот“, соопштија од МНР.
Останува да се види кои тројца кандидати ќе ја претставуваат Македонија во финалниот избор за судија во Стразбур – позиција од огромно значење за застапување на човековите права на европско ниво.